Често поставувани прашања (со кликнување на прашањето се појавува неговиот одговор):
1.Дали треба да се известуваат податоци за прометот на одредени категории коишто немаат состојби на почетокот и на крајот на извештајниот период?
Во случај одредена ставка да има промет во текот на известувачкиот период, а почетната и/или крајната состојба да изнесува нула, потребно е прометот да се известува.
2.Како да се постапува со прометот на сметките, од типот на девизните сметки коишто во текот на извештајниот период се полнат од жиро сметката и истите се празнат во рок од еден до два дена; или сметката за девизна благајна која се полни од девизната сметка и истата се празни во истиот ден. Доколку се прикаже целосно вкупниот промет којшто се остварил на девизната сметка, односно девизната благајна, постои можност за негово двојно опфаќање (еднаш ќе биде опфатен преку влезот, односно излезот во и од жиро/девизна сметка, и еднаш преку влезот односно излезот од девизна сметка/девизна благајна)?
Во образецот ОФИ-1 се прикажува состојбата и прометот на сите сметки, без разлика дали се преодни сметки или не. Така, во случајот со сметките од типот на девизната сметка, потребно е од вкупниот промет на девизната сметка да се одземе прометот, односно износот којшто бил пренесен на сметката девизна благајна. Истовремено, во Образецот ОФИ-1 ќе се прикаже вкупниот прометот настанат на сметката Девизна благајна.
3.Како да се постапува со прометот на сметките, како што е сметката „депозит преку ноќ“. Оваа сметка се полни од трансакциската сметка (на крај на работниот ден се празни трансакциската сметка, и средствата се пренесуваат на сметката „депозит преку ноќ“, а на почетокот на следниот работен ден истите средства се враќаат на трансакциската сметка). Трансакциската сметка во секој известувачки период ќе има почетно и крајно салдо нула, при што добива еден облик на преодна сметка. Доколку целосно се прикаже прометот од овие сметки (прометот и на трансакциска сметка и на сметката „депозит преку ноќ“), истиот двојно ќе се опфати.
Исто како и во претходниот случај со третманот на прометот кај девизната сметка, потребно е од вкупниот промет на трансакциската сметка да се одземе прометот, односно износот кој бил пренесен на сметката „депозит преку ноќ“. Истовремено, во образецот ОФИ-1 ќе се прикаже вкупниот промет реализиран на сметката „депозит преку ноќ“.
4.Третман на пасивните временски разграничувања. Тековното работење се базира на пресметани трошоци (аccruals), како на пример се предвидуваат трошоци по фактури кои сеуште не се пристигнати при што во сметководствената евиденција се евидентираат како временско разграничување (пресметана обврска). По пристигнување на фактурата, разграничувањето се затвора при што се евидентира обврска. Значи, ако сме предвиделе фактура од 10.000 МКД, а пасивното временско разграничување сме го затвориле со креирање на обврска и сме ја платиле обврската, во тој случај ќе прикажеме дуплирање на прометот од 10.000 МКД (влез и излез) и кај обврските и кај разграничувањата (останати расходи)? Како ова да се надмине?
Пресметаната обврска (ПВР) се книжи во целосен износ на страната на обврските - „Останати обврски (кај соодветен сектор)“ и како пресметан трошок во категоријата „Добивка/загуба од тековната година“. Кога ќе пристигне фактурата, се креира обврска кон добавувачите која се опфаќа во категоријата „Останати обврски (кај соодветен сектор)“ и воедно се затвара пресметаната обврска (ПВР). Разликата којашто ќе се појави помеѓу пресметаната и пристигнатата фактура, се евидентира во ставката „Добивка/загуба од тековната година“. Извршеното плаќање на фактурата се книжи во зависност од тоа како е платена (пр. намалување на ставката „Валути и депозити“) и се затвара обврската кон добавувачите („Останати обврски“). Сите промени се прикажуваат во колоните за трансакцииПодетално за ова може да се види во Параграфот 5.128 од ЕСА95.
5.Третман на активните временски разграничувања (АВР), однапред пресметани приходи. Како да се евидентираат во Образецот ОФИ-1 и во кои ставки и колони?
Исто како и објаснувањето за ПВР погоре.
6.Во ставката депозити влегуваат и побарувања по недоспеани и доспеани камати. Дали промените, односно разликата меѓу новите недоспеани камати и наплатените камати, да се евидентираат во ставката „останати промени“?
Согласно Mетодологијата за известување за Извештајот за средствата и обврските на останатите финансиски институции (Образец ОФИ-1), која што е поставена на Порталот ОФИ, пресметаната камата не се прикажува заедно со соодветниот инструмент. Во рамките на Образецот ОФИ-1 каматата треба да се прикаже на страната на средствата, во делот Останати приходни сметки, останато/Останати средства и на страната на обврските во делот Останати расходни сметки, останато/Останати обврски. Исто така, пресметаната камата треба да се прикаже во делот „Дополнителни податоци“, кај соодветниот инструмент, во денари или странска валута, и соодветен сектор. Промените на пресметаните камати имаат третман на трансакција и треба да се прикажат во колоната 4 и/или 5 (Трансакции).
7.Обврзници кои се деноминирани во ЕУР, дали се прикажуваат како денари или како девизи? И каде се прикажуваат курсните разлики?
Обврзниците кои се искажани во денари со валутна клаузула (на пример во Евра), имаат третман на денарски и треба да се прикажат во пропишаните категории искажани во денари. Курсните разлики треба да се прикажат во колоната „Промени врз основа на курсни разлики“, без разлика што ставката е денарска.
8.Во ставката обврзници, во останати промени е вклучено и намалувањето на дисконтот, кое фактички ја зголемува вредноста на обврзницата (номинална – дисконт=сегашна вредност), дали е добро прикажана промената?
Дисконтот има еднаков третман како и пресметаната камата и заедно со промените кај пресметаните камати треба да се прикажат во колоните за Трансакции (4 и/или 5). Во Параграф 4.46 од ЕСА95 стои дека: "Сумата на каматата којашто се впишува во секој период, а којашто се должи на разликата помеѓу цената при доспевање и цената при емисија, пресметана на ист начин како и кај безкупонските обврзници, има ист третман како и каматата".
9.Дали побарувања за данок на добивка, ДДВ, ПДД од плати и други ПДД, треба да се прикажат кај „Останати средства“, сектор „Централна власт“?
Да, данокот на добивка и останатите давачки кон државата треба да се прикажат во Останати приходни сметки/Останати средства, сектор Централна власт.
10.Побарувањата од пензиските фондови по основ на провизии коишто фондовите ги плаќаат на друштвата за управување, се вклучени во ставката „Трговски кредити и аванси“. Дали тоа е во ред, или треба да се вклучат во „Останати средства“?
Трговските кредити во најголем дел се поврзани со продажба и купување на финансиски добра и услуги за коишто не се пресметува камата и за коишто побарувањето/обврската не е достасано за плаќање. Провизијата во овој случај има третман на оперативен трошок и поради тоа треба да се класифицира во „Останати приходни сметки, останато, останати средства“.
11.Побарувања од вработени по аконтации за службен пат и други побарувања од вработени – се прикажани во останати средства, физички лица. Дали е во ред?
Да, побарувања од вработени по аконтации за службен пат и други побарувања од вработени се прикажуваат во останати средства, физички лица.
12.Однапред платени трошоци се прикажани во ставката „Останати средства“. Дали е во ред?
Да, со тоа што истите треба да бидат распределени според соодветниот сектор.
13.Третман на тековната амортизација на фиксни средства, дали да се прикаже во „Останати промени“?
Тековната амортизација треба да се прикаже заедно со фиксните средства, а што се однесува на промените, тие имаат третман на трансакција.
14.Покрај обврските кон добавувачи, во категоријата „Трговски кредити и аванси“ се вклучени и обврските кон институциите за провизии коишто се наплаќаат од друштвото за управување (НБРМ, МАПАС и ПИОМ). Дали е тоа во ред?
Доколку обврските се врз основа на провизии, тие треба да бидат вклучени во „Останати расходни сметки, останато, останати обврски“.
15.Кај добавувачи од странство потешко е да се издвојат промените кои биле резултат на курсни разлики. Дали да се прикажат одвоено?
Доколку сметководствената аналитичка евиденција не озвозможува издвојување на промените како резултат на курсни разлики, тогаш тие треба да одат во „Останати промени“. Доколку е можно, и доколку износите се економски значајни, подобро е да се издвојат и да се прикажат во колоната „Курсни разлики“.
16.Каде да ги ставам придонесите од плата?
Придонесите од плата треба да бидат прикажани во ставката „Останати обврски, сектор Држава, потсектор Фондови за социјално осигурување“.
17.Дали во добивка од тековната година да се стави нераспределената добивка за претходната годината, додека не е донесена одлука за нејзина распределба?
Нераспределената добивка од претходната година се вклучува во категоријата добивка од тековна година. Откако ќе се донесе одлука за нејзино распределување, после одржаното собрание на акционери, нераспределената преостана добивка ќе се евидентира во ставката „Добивка/загуба од тековна година„, додека она што на собранието на акционери било одлучено да се распредели (на пример во дивиденди), ќе се евидентира во соодветните инструменти.
18.Ако во портфолиото на фондот има средство коешто нема пазарна вредност, значи дека се проценува по амортизирана вредност. Што треба да биде промена во извештајот и во која колона треба да се презентира?
Амортизирана вредност на ХВР има еднаков третман како и пресметаната камата и заедно со промените кај пресметаните камати треба да се прикажат во колоните за Трансакции (4 и/или 5).
19.Каде да се класифицираат обврските кон добавувачи за набавка на добра и услуги, обврски спрема надворешни лица по договор за дело, обврски спрема членови на органи на надзор, обврски кон агенти за бонуси, обврски спрема вработени за плати?
Сите видови обврски коишто друштвото ги има во својата евиденција, а произлегуваат од оперативното работење, треба да се прикажат во ставката „Останати обврски“, во соодветен сектор.
20.Во врска со добивките и загубите, во случај на загуба, ЕСС 95 предвидува намалување на финансиските средства во висина на загубата. Тоа се применува во делот на инвестициските фондови каде што се вреднува капиталот, но кај друштвата загубата може да се акумулира, при тоа да не се намалува капиталот сé до негово покривање за сметка на идни добивки. Но друштвата за управување со инвестициски фондови кај нас, во најголем број се регистрирани и водат сметководствена евиденција како трговски друштва. Дали овие препораки од ЕСС важат и за трговските друштва?
Третманот и за инвестициските фондови и за друштвата е ист, т.е. без оглед како се регистрирани, друштвата за управување ќе мора да ги следат стандардите на ЕСС 95 и ќе се третираат како помошни финансиски институции. Акумулираната добивка/загуба од претходни години, треба да се евидентира во ставката Л73, „Задржана Добивка/загуба“ (доколку е загуба со негативен предзнак) и тоа во колоната„ Состојба на почеток на периодот“ (3) и во колоната „Состојба на крајот на периодот“ (9). Добивката/загубата во тековната година се евидентираат на ставката Л74 „Добивка/загуба од тековна година“, во колоната „Останати промени“ (8), со позитивен или негативен предзнак, соодветно.
21.Во кој сектор да се класифицираат МАПАС, Агенција за супевизија на капитално финансирано пензиско осигурување?
МАПАС, АСО, како и сите институции кои се административни оддели на државата, како што се Комисија за хартии од вредност, Службен весник на РМ, Универзитетот св. Кирил и Методиј со неговите факултети и институти, МАНУ, и сл., треба да бидат опфатени во секторот Централна влада.
22.Во кој сектор да се класифицира Централниот депозитар за хартии од вредност?
Централниот депозитар за хартии од вредност, КИБС, друштва за управување со инвестициски и пензиски фондови, менувачници, берза на хартии од вредност, гарантни институции и сл. кои се занимаваат со помошни финансиски дејности, а сами по себе не претставуваат финансиски посредници, треба да се класифицираат во потсекторот Помошни финансиски институции.
23.Во кој сектор да се класифицираат Стопанска комора на РМ и Словенечко-македонскиот бизнис клуб?
Сите непрофитни институции коишто претставуваат одделни субјекти и кои се непазарни приватни производители, како што се стопанска комора на РМ, Словенечко-македонски бизнис клуб, Нотарска комора на РМ, Здружение на финансиски пазари, цркви, спортски клубови и други здруженија на граѓани се класифицираат во секторот Други резиденти - непрофитни институции коишто им служат на домаќинствата.